Тешка ќе биде битката за опстанок на Тетекс во пролетниот дел од сезоната. Тимот од Тетово денеска одбра нов Управен одбор, кој ќе има задача да го остави тимот во второлигашката конкуренција. Доби нов претседател на Управен одбор, како и нови членови.
Тетекс имаше турбулентна есен, а на крајот од сезоната имаше и катастрофални порази, па така имаше разделба и со петмина играчи.
„Голема е честа да зборувам пред сите вас, но уште поголема е честа што токму јас сум избран да бидам Претседател на управниот одбор на нашиот клуб ФК ТЕТЕКС Тетово. Упатувам голема благодарност и на верните навивачи што ме предложија во овие тешки моменти, да помогнам за повторно обединување и функционирање на клубот. Како што Ви е познато на повеќето од вас, па и на јавноста, клубот го наследуваме во лоша состојба, без соодветен кадар на фудбалери, соодветен стручен штаб, минусно салдо и долгови. Затоа, нашата цел ќе биде да се обединиме, сите верни фанови, тетовчани, љубители на фудбалот и спортот со заеднички сили да го вратиме клубот онаму каде што припаѓа. Ветуваме дека со сите сили ќе се бориме и секој натпревар во втората полусезона ќе го играме како да ни е финале“, изјави Вучевски.
Новите членови на управниот одбор се: 1. Бобан Вучевски
2. Ивица Хаџииљоски – Чајка
3. Драгољуб Јовановски
4. Перо Јовановски
5. Живко Антовски
6. Бобан Мишевски
7. Ненад Спасоски – Зец
Новото раководство на Тетекс планира да доведе и засилувања. Прво ново име кое ќе пристапи се очекува да биде искусниот Христијан Кировски, кој веќе не е играч на Скопје и тој би требало да биде новиот напаѓач на Тетекс. Исто така планирани се уште некои искусни и проверени имиња, дел од нив со прволигашко искуство, со цел тетовскиот тим да се спаси од најлошото.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА