Јокиќ спакува божиќен подарок – 41 поен и трипл дабл за победа на Денвер

Во екот на божиќната ноќ во САД, во НБА лигата царуваше Никола Јокиќ. Денвер успеа да го совлада Феникс со 128-125 после продолженијата, а Србинот одигра маестрално постигнувајќи 41 поен, 15 скока и 15 асистенции.

Обори два рекорди во божиќните натпревари: најмногу поени од било кој играч во историјата на Денвер и најефикасен трипл-дабл во натпреварите одиграни на овој празник. Денвер со оваа победа се искачи на врвот на Западот, после поразот на Мемфис од Голден Стејт.

Откако дуелот во регуларниот дел заврши 113-113, во дополнителнот време Нагетс одлично стартуваа и со 8-2 брзо дојдоа до предност, но Феникс во серија од пет поени успеа да се врати. Пресуден момент беше забивањето на Ерон Гордон со прекршок. Гордон одигра меч со 28 поени и 13 скокови.

Во останатите мечеви, Голден Стејт и Бостон забележаа убедливи победи против Мемфис, односно Милвоки. Актуелниот првак Голден Стејт без првата ѕвезда Стеф Кари успеаја да дојдат до победа од 123-109 во Сан Франциско.

Дуелот на најдобрите две екипи на Истокот Бостон и Милвоки, му припадна на домашниот тим. Селтикс после пад на формата во својата арена покажаа импресивна игра, и победија со 139-118. Тејтум и Адетокумбо имаа „МВП“ дуел. Асот на Бостон уфрли 41 поен, додека ѕвездата на Бакс постигна 27 поени.

НБА, РЕЗУЛТАТИ

Голден Стејт – Мемфис 123-109
Денвер – Феникс 128-125 (по прод.)
Бостон – Милвоки 139-118

Се вчитува...