ХЕРОИТЕ НА 2022 ГОДИНА: Меси, Скариоло, Алкараз…

Спортската 2022 година завршува денеска, бројна со многу радосни и тажни моменти, во зависност од резултатите. Во неа, сепак би издвоиле пет херои кои дефинитивно оваа 2022 ќе ја паметат по добро.

ЛИОНЕЛ МЕСИ

Аргентинецот и дефинитивно беше крунисан во фудбалски Бог откако стигна до единствениот трофеј што му недостигаше, кревајќи го пехарот на СП 2022 во Катар. Меси имаше разочарувачки први пет месеци од годината, кога со ПСЖ не ја оствари посакуваната цел и беше елиминиран од ЛШ, но од август наваму, на Аргентинецот му цветаат рози. Игра маестрално на клупски план, стигна до мундијалската титула, а се очекува на стартот на 2023 година да потпише нов двогодишен договор со ПСЖ, докажувајќи дека и на 35-годишна возраст може да игра на апсолутно највисоко ниво.

СЕРЏО СКАРИОЛО

Шпанија допатува десеткувана без неколку клучни кошаркари на европскиот шампионат, на кој имаше барем три-четири селекции што беа далеку поголеми фаворити за златото. Сепак, Шпанците на својата клупа го имаа Серџо Скариоло, кој уште еднаш ја покажа својата кошаркарска генијалност. Одлуката за странец во репрезентацијата најпрвин беше критикувана од самите кошаркари, но Скариоло успеа да го вклопи Лоренцо Браун и да создаде моќна селекција во која секој си ја знаеше својата улога. Ова беше четврто европско злато за Скариоло, сигурно и најдраго ако се земат во предвид сите проблеми со кои се соочуваше во пресрет на овој шампионат.

КАРЛОС АЛКАРАЗ

Шпанија дефинитивно го има „Новиот Рафаел Надал“ откако Алкараз на 19-годишна возраст успеа не само да се пробие во светската елита, туку и да се искачи на првото место на АТП-листата. Годината за паметење ја почна со триумф во Рио, потоа беше најдобар и во Мајами, Барселона и во Мадрид, за „шлаг на тортата“ да бидe пехарот на УС Опен. Јасно е дека Алкараз тешко ќе се задржи на врвот и во 2023 година, но одлично за тенисот е што се најави нова млада ѕвезда како сериозен наследник на „големата тројка“.

МАКС ФЕРСТАПЕН

„Летечкиот Холанѓанец“ со многу мака стигна до првата титула во Формула 1 во 2021, но затоа годинава мина во негова апсолутна доминација. На патот до втората шампионска титула во кариерата Ферстапен урна бројни рекорди, и тоа по бројот на победи (15), бројот на освоени бодови (454), победи од различни стартни позиции (седум) и најмногу победи на трки на кои не почнал од пол-позицијата (дури девет).

ЈОХАНЕС ТИНГНЕС БО

Норвешкиот бијатлонец ги одбележа Зимските олимписки игри кои на почетокот на годината се одржаа во кинески Пекинг. Норвежанецот настапи на шест трки на ЗОИ, а не успеа да стигне до медал само во потерата во која направи голем кикс на последното стрелиште. Бо игрите во Пекинг ги заврши со четири златни медали (спринт, масовен старт, штафета, микс штафета) и една бронза на индивидуалната трка на 20 километри. Со овие резултати тој беше најтрофејниот олимпиец на игрите во кинескиот град.

Се вчитува...