Рутинска победа за Македонија на првиот тест со Црна Гора

Ракометната репрезентација на Македонија славеше рутински на денешниот прв натпревар од двомечот со Црна Гора, триумфирајќи со 38-33. „Црвено-жолтите“ делуваа супериорно во првите 30 минути, во кои создадоа солидна предност со која победата воопшто не беше доведена во прашање во вторите 30 минути. Во второто полувреме Македонија имаше и двоцифрена предност, што во финишот се спушти на „плус пет“ по опуштањето во завршните десет минути.

Селекторот Лазаров се одлучи на овој меч да ги одмори Никола Митревски, Петар Атанасијевиќ, Савревски и Петковски, а Македонија мечот го почна со Томовски на голот, и Георгиевски, Манасков, Талески, Ѓоргиев, Јагуриновски и Маркоски во поле. Првото водство на мечот го имавме кога Манасков погоди за 3-2 во петтата минута, а неколку минути подоцна Талески реализираше за 6-4. Водството на Македонија се зголеми на 9-5, но потоа по исклучувањето на Пешевски дојде до пад во играта, Црногорците дадоа два гола во празна мрежа и намалија на 9-7, резултат при кој противникот не реализираше и пенал, по што следеше фуриозен финиш на полувремето на Македонија. Гоце Георгиевски беше во главна улога со четири гола во последните пет минути од полувремето, по што на одмор се замина со водство на нашиот национален тим од 19-13.

На стартот од второто полувреме Георгиев и Манасков биеја прецизно, за прво водство на Македонија од седум гола (21-14). Селекторот Лазаров направи неколку промени во составата, на голот застана Кизиќ, а Македонија продолжи да доминира и со двата гола на Ѓоргиев во 48. минута поведовме со 32-23. Доминацијата продолжи, па со голот на Цветан Кузманоски од контранапад на асистенција на Џонов „црвено-жолтите“ стигнаа и до првото двоцифрено водство (33-23). Опуштањето во завршните минути придонесе да дојде и до пад на концентрацијата и намалување на водството, па овој меч што мина во целосна доминација на македонската репрезентација на крајот заврши со конечни 38-33.

Дејан Манасков беше најефикасен со десет постигнати гола, пред Талески, Георгиевски и Ѓоргиев со по пет погодоци.

Двете селекции утре ќе одиграат уште еден пријателски натпревар.

Се вчитува...