Ракометарите на испит против силната Хрватска

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва во 20.15 часот ќе го одигра претпоследниот контролен натпревар во пресреет на СП 2023, на гостински терен во Пореч против селекцијата на Хрватска. Овој меч воедно ќе биде отворање на турнирот „Кроација куп“ на кој покрај овие две селекции учествува и селекцијата на Израел, со која нашата репрезентација ќе се сретне утре вечер во истиот термин.

Македонија значително ослабена отпатува на овој турнир, откако Филип Талески заработи ситна повреда и остана во Скопје, заедно со првиот голман Никола Митревски, кој исто така се рехабилитира од повреда. Според првичните информации, проблемите не се премногу сериозни и двајцата би требало да бидат „фит“ за стартот на мундијалот во Краков.

Јасно е дека Хрватска ќе ја има фаворитската улога на денешниот натпревар, но многу значајно ќе биде да се види карактерот на подмладениот македонски состав, кого во првото коло од СП го очекува дуел со моќната Норвешка. Токму затоа, исклучително важно е избраниците на Лазаров да покажат максимална храброст и борбеност, нешто што ќе биде апсолутно неопходно на трите средби во Краков, ако се сака да се стигне до посакуваниот триумф што би значен и пласман во следната фаза во Катовице.

Пренос од вечерашниот натпревар меѓу Хрватска и Македонија ќе може да се проследи на хрватскиот тв канал РТЛ2.

Се вчитува...