Роберто Мартинез станува селектор на нова моќна европска репрезентација

Роберто Мартинез е избраниот стратег за нов селектор на Португалија, откако фудбалската федерација на оваа земја реши да ја прекине соработката со Фернандо Сантош.

Мартинез, кој неколку години работеше како селектор на Белгија, но си замина по фијаското на СП во Катар, изјави дека е подготвен за нов предизвик во кариерата, па иако се очекуваше тоа да биде клупски ангажман, тој сепак се реши да остане во репрезентативниот фудбал.

Прва желба на Португалците беше да го ангажираат Жозе Мурињо, но откако стана јасно дека тоа не е возможно вниманието беше насочено кон Мартинез, со кого експресно беа договорени деталите од соработката. Според информациите од Португалија, официјалната промоција би можела да се случи веќе во текот на следната седмица, по што Мартинез и официјално би почнал со работа.

Една од главните одлуки кои ќе треба да ги донесе е дали да продолжи во националниот тим да го повикува Кристијано Роналдо, кој по конфликтот со екс-селекторот Сантош реши кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија.

Се вчитува...