Ракометната репрезентација на Македонија славеше со 38-37 над Израел во рамките од „Кроација купот“, во последниот меч од подготовките за СП 2023 во Краков. Тоа беше меч во кој нашите ракометари целосно го контролираа резултатот, но падот на концентрацијата во финишот за малку скапо ќе ги чинеше, откако неочекувано дозволија рутинската победа да се претвори во драматичен финиш, за среќа со хепиенд за „црвено-жолтите“. Одбраната повторно беше проблем, но се очекува и тоа да се крене на повисоко ниво кога во националниот тим ќе се вклучат Митревски и Талевски, кои не беа дел од македонскиот национален тим во Пореч.
Натпреварот почна со загубена топка на Израелците, по што Манасков рутински погоди од контранапад за водство на Македонија од 1-0. Стартните минути минаа во знакот на нашата национална селекција, откако „црвено-жолтите“ преку Павле Атанасијевиќ поведоа со 3-1, а нешто подоцна со првиот гол на Јагуриновски стигнавме и до „плус три“ (7-4). Во првите осум минути Македонија веќе имаше постигнато осум погодоци (8-5 со пеналот на Манасков), а само за момент имавме мал пад во концентрацијата во нападот што противникот го искористи за да намали од 10-6 на 10-8. Томи Јагуриновски постигна два гола во низа, прецизен од сопствениот шестерец беше и голманот Томовски, па предноста набрзина се врати на „плус четири“ (13-9). Одбраната почна да функционира, па дури и во ситуација кога исклучен беше Манасков, Македонија заигра одлично и предводена од Серафимов (два гола и еден изнуден пенал) поведе со 17-11, принудувајќи го израелскиот селектор Драган Ѓукиќ на тајмаут.
Веднаш по тајмаутот следеше нова израелска грешка што Георгиевски ја претвори во гол за 18-11. Израелците намалија на 19-14, по што Лазаров побара тајмаут и ги врати во игра Кузманоски и Пешевски, а за прв пат на мечот шанса доби и Иван Џонов. Манасков од пенал го постигна својот шести гол на мечот за водство од 20-14, но проблемите во нападот се продлабочија и противникот се приближи на 20-16. Краткиот пост без постигнат гол на Македонија го прекина Филип Кузмановски со гол од девет метри.
Со голот на Манасков на одмор заминавме со водство од 23-19, но потоа на стартот од второто полувреме се соочивме со сериозни проблеми во нападот. Кузмановски беше единствниот што погодуваше во овој дел од мечот. Во ритам влезе и Манасков, кој го постигна својот десетти погодок за водтво од 30-25. Израелците намалија на 34-31, при што исклучен беше Пешевски, но Филип Кузмановски тргна храбро и постигна значаен гол со играч помалку на теренот. Во завршните три минути влеговме со предност од 38-35, а Лазаров побара нов тајмаут на две минути до крајот, при наше водство од 38-36. Пешевски не реализираше, по што Израел погоди преку пивот за 38-37. Костески пропушти можност да ја запечати победата откако неговиот удар заврши во гредата, но за среќа Македонија го издржа последниот налет на Израелците, за конечни 38-37 и победнички крај на овие подготовки.
Дејан Манасков со 11 гола беше најефикасен на овој натпревар, додека шест погодоци постигна Филип Кузмановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА