Поранешниот легендарен аргентински напаѓач, Карлос Тевез откри дека малку ја следел репрезентацијата на својата земја до шампионскиот трофеј во Катар, дека повеќе ги следел мечевите на Франција и се уште не му честитал на долгогодишниот соиграч Лионел Меси.
„Не го следев многу Светското првенство, но гледав доста натпревари на Франција затоа што тоа е тим кој навистина ми се допаѓа како игра. Се уште не сум му честитал и на Меси затоа што веројатно телефонот му експлодирал од повици и пораки, но многу сум среќен што моите деца ги славеа неговите голови“ – вели Тевез.
Тевез ја заврши кариерата во 2021 година, по што се проба како тренер на аргентинскиот прволигаш Росарио, но ја напушти клупата на крајот сезоната изминатата есен.
Со аргентинската репрезентација 38-годишниот Тевез играше три финалиња на Копа Америка (2004, 2007 и 2015). Аргентина почна да освојува трофеи откако тој се пензионираше, победувајќи на Копа Америка во 2021, а за да минатиот месец го освои и Светското првенство 2022 во Катар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

