Гвардиола ги одмори „ѕвездите“, но и без нив го преслуша Челси, сензација на „Вила Парк“

Манчестер Сити славеше со убедливи 4-0 над Челси во рамките од ФА Купот на Англија, само неколку дена откако „граѓаните“ го победија истиот ривал на „Стемфорд бриџ“ во Премиер-лигата. Пеп Гвардиола реши на овој меч да ги одмори своите најдобри фудбалери, на клупата останаа Де Бруине, Халанд, Грилиш, Гиндоган… но и со комбиниран состав со неколку младинци „граѓаните“ целосно го надиграа противникот и стигнаа до победата.

Целата работа сите ја заврши уште во првото полувреме, во кое Кепа три пати ја вадеше топката од мрежата. Голманот на Челси нема никаква вина, првиот гол беше ремек-дело од слободен удар на Марез, вториот од пенал го постигна Алварез, додека на 3-0 по една извонредна тимска акција зголеми Фоден. Конечните 4-0 во финишот од натпреварот ги постави Марез од пенал.

Следен противник на Манчестер Сити во ФА Купот на Англија ќе биде победникот на мечот Арсенал – Оксфорд.

Во последниот меч од денешната програма Астон Вила беше шокирана на домашен терен, губејќи од нисколигашот Стивениџ со 1-2. Вила имаше предност од 1-0 до 88. минута, но ситуацијата се промени по црвениот картон на Дендонкер, по кој Стивениџ со два гола за помалку од три минути направи целосен пресврт за сензационална победа.

Се вчитува...