Николиќ: Ќе има засилувања, потребен ми е повеќе од еден нов кошаркар во тимот на МЗТ

Тренерот на МЗТ Скопје, Драган Николиќ, му ја честиташе победата на поквалитетниот противник, истакнувајќи дека Црвена Звезда не дозволила „металците“ да одиграат повеќе од едно квалитетно полувреме.

„Честитки на Црвена Звезда на заслужената победа, покажаа колку се силни и доминантни. Ние дадовме се од себе, во втората и во четвртата четвртина добро париравме, во третиот период не постоевме на теренот, но ние и не се прашувавме многу за тоа бидејќи противникот заигра извонрдна одбрана. Пресуден беше квалитетот што беше на страната на гостите, нема никаква дискусија. Колку што можевме, одигравме, одлично прво полувреме, но немавме сили за тој втор дел. Продолжуваме напред, што е тука е… пред нас е серија тешки натпревари, но реков дека немаме намера да се предадеме“, изјави Николиќ.

Воедно, тој јавно побара што поскоро да бидат донесени нови кошаркари во тимот, за клучниот дел од сезоната и битките за опстанок во АБА-лигата.

„Мислам дека ќе има промени во ростерот, за дел од нив веќе се пишуваше во македонските медиуми, но потребно ни е повеќе од едно ново засилување. Ќе ве известуваме за сите новости“, најави стратегот на „металците“.

ЕКИПА веќе најави дека Адем Мекиќ по денешниот меч си заминува од МЗТ Скопје и се сели во романски Темишвар, а на негово место се очекува да пристигне Американецот Кук. Сепак, според зборовите на Николиќ, Кук нема да биде единственото засилување за македонскиот првак во текот на овој месец.

Се вчитува...