Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша указ за санкции против повеќе од 100 лица од јавниот живот. Тоа се луѓе кои одбија да го осудат рускиот напад на Украина и кои ќе ги трпат последиците. Меѓу нив е и Анатолиј Тимошчук, рекордерот по бројот на настапи за украинската фудбалска репрезентација.
Тимошчук уште во март беше избришан од регистарот на играчи на украинската репрезентација од страна на Украинскaта фудбалска федерација, истакнувајќи дека тоа го прави поради соработката со окупаторите. По нападот на Русија на Украина, тој остана во Русија да работи како тренер во Зенит од Санкт Петербург и поради тоа остана без тренерска лиценца во татковината.
Според указот потпишан од украинскиот претседател, на Тимошчук не му е дозволен влез во Украина десет години. Покрај тоа, целиот имот му е замрзнат и никогаш повеќе нема да смее да игра фудбал во земјата каде што е рекордер по број на натпревари со 144 одиграни меча.
Тимошчук во својата богата играчка кариера настапуваше за Шахтјор, Зенит, Баерн и Каират. Најголем белег остави во Баерн, со кого ја освои Лигата на шампионите и три титули во Бундеслигата.
Со Зенит двапати беше шампион на Русија, а со Шахтјор трипати шампион на Украина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

