Ансу Фати покажа голема храброст кога нецел месец по заминувањето на Лео Меси реши да ја земе „десетката“ на Барселона, не разбирајќи ја премногу тежината што ја носи овој дрес со себе.
Големиот талент имаше проблеми со повреди кои го исфрлија од натпреварувачки ритам, па дури и сега кога е здрав не прикажува игри какви што се очекуваат од него. Тој настапи на вкупно 16 средби за Барселона, но во просек настапуваше на 36 минути по натпревар, постигнувајќи три гола. Бледото издание на дербито со Атлетико Мадрид беше причина за сериозни критики кон младиот Фати, кон кого најостар беше аргентинскиот фудбалски тренер и аналитичар, Хорхе Д’Алесандро.
„Единствената заслуга што Ансу Фати ја има е што го носи дресот со број 10. Ансу Фати – десетка на Барселона, тоа е навреда за фудбалот. Тој е број што го носеле Пеле, Марадона, Меси, Модриќ… Бројот десет е за фудбалските богови, не за некој што допрва учи што значи да се биде фудбалер“, критичен беше Д’Алесандро.
Последните информации велат дека и самиот Ансу Фати е несреќен во Барселона, откако го загубил првотимскиот статус по бројните трансфери во последните 12 месеци. Тој размислува за заминување, но проблем е што Барса сигурно ќе бара богатство, а со оглед на формата што ја покажува, тешко дека ќе се најде клуб што ќе го плати она што Лапорта ќе го побара.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

