Легендите навиваат за Македонија – Пет прашања за Ванчо Димовски: Ако ја минеме групата, тоа е одлично

Хуманитарниот меч на 3. јануари само ја потврди сплотеноста во македонските ракометни кругови. Уште еден доказ дека и ретките лични несогласувања секогаш биле оставани зад себе, бидејќи приоритет секогаш била и ќе биде репрезентацијата на Македонија.

Во тој правец, ЕКИПА непосредно пред почетокот на СП во Краков ќе има кратки разговори со дел од ветераните кои настапија на овој ракометен спектакл. Прашањата ќе бидат идентични за сите, а искусните ракометни асови ќе ги искажат своите прогнози за овој светски шампионат, настапот на Македонија на него и за нивните предвидувања за движењето на македонскиот репрезентативен ракомет во годините што следат…

Покрај ракометните квалитети, Ванчо Димовски отсекогаш отскокнувал со човечката големина. Поранешниот пивот долги години важеше за „душа на репрезентацијата“, кој секогаш знаеше да најде начин проблемите да се надминат и да биде создадена позитивна атмосфера во националниот тим.

 1.Што ќе биде главниот квалитет, а кој би бил најголемиот недостаток, во играта на Македонија во Краков?

Верувам дека ќе бидеме одлично подготвени, како на физички, така и на тактички план, противниците сигурно ќе бидат максимално добро скаутирани и тоа ќе биде нашиот главен квалитет. Недостаток – се сомневам дали во моментов имаме доволно квалитет и искуство за сето она што ќе биде договорено пред мечот да се спроведе на дело.

2. Кој млад македонски играч ќе блесне на ова СП?

Томи Јагуриновски ќе има шанса да влезе на ракометната мапа. По она што го видовме на подготвителните периоди, Јагуриновски е подготвен за скок во улогата, на позицијата што се отвора по подолги години во репрезентацијата, по пензионирањето на Кире Лазаров.

3. Од кој пласман на Македонија би биле задоволни на престојното Светско првенство?

Ако ја поминеме групата, тоа ќе биде одличен резултат според мене. Сепак, дури и доколку тоа не се случи, но доколку играме добро и бидеме на висина на задачата, нема да биде ништо страшно.

4. Кои се најголемите фаворити за титулата светски шампион?

Јас типувам на скандинавски успех на овој шампионат. Прв фаворит ми е Данска како бранител на трофејот, Швеѓаните за адут ќе го имаат домашниот терен, а како трета слекција способна за изненадување би ја навел Норвешка.

5. Има ли македонскиот репрезентативен ракомет сила во иднина да ги достигне и надмине резултатите на вашата генерација?

Верувам дека можеме да остваруваме нови добри резултати со квалитетна работа во наредните години. Во секој случај треба време и искуство, за да можеме да се носиме со репрезентации од топ-калибарот. За да се стигне до резултат треба да се поклопам многу работи, но пред се напорно да се трнира и игра. Јас верувам дека ние сме способни за такво нешто и резултатот ќе дојде.

Се вчитува...