Лазаров: Ги минавме сите скептици кои не веруваа во нас, што и да се случи денеска треба да продолжиме по нашиот пат

ЕКИПА во Краков,

Стеван Цаневски, Владимир Булатовиќ, Роберт Спасовски (ФОТО)

Машката ракометна репрезентација на Македонија со мечот против Норвешка вечерва ќе го стартува Светското првенство во Шведска и Полска.

Селекторот на „црвено-жолтите“ Кирил Лазаров пред денешниот меч во Краков вели дека тие се подготвени за ова СП…

„Ние сме подготвени за цело Светско првенство. Ова е еден меч со репрезентација за која не треба многу да се зборува. Норвешка во 2017 и 2019 играше финале на СП и незадоволни заминаа затоа што не освоија злато. Секако дека и овде ќе атакуваат на златото. Во спортот треба да веруваш и во невозможното. Денеска сме во таква позиција. Нема што да загубиме, туку може само да добиеме. Нема да се штедиме воопшто, ќе тргнеме да играме и да видиме до каде можеме. Сакам да нагласам дека оваа генерација и досега направи многу и само поради тоа на момците треба да им се даде поддршка. Поминавме големи репрезентации и ги минавме сите тие скептици кои не веруваа дека оваа генерација може да ја продолжи традицијата на настапи на големите натпреварувања. Што и да се случи денеска, ние треба да продолжиме по нашиот пат. Играме со 7 дебитанти на ова СП и треба да бидеме внимателни, но од друга страна имаме и голема самодоверба“, потенцира Лазаров.

Натпреварот кој ќе се игра во „Таурон арената“ во Краков е со почеток во 20.30 часот.

Се вчитува...