„Новата Македонија“ на мундијалски испит: Норвешка е прв ривал во Краков

Настапот на светските првенства стана рутина за македонските ракометни репрезентативци, кои се единствените во нашиот спорт за кои редовно има место на големите натпреварувања. Овојпат самиот пласман на СП 2023 е уште поголем успех од претходно ако се знае дека е извојуван со значително подмладена селекција, без повредениот Кире Лазаров во клучниот бараж со Чешка, на кој помладите презедоа одговорност и одговорија на предизвикот, трасирајќи го патот кон новиот мундијал.

Во однос на тој бараж Македонија ќе биде дополнително ослабена со репрезентативната пензија на Миркуловски и на Стоилов, но Кире Лазаров како селектор гради една нова Македонија, со брз и модерен напад, нешто што би требало да ја краси нашата национална селекција уште долги години.

„Црвено-жолтите“ немаа среќа при ждрепката, за ривали ги добија Норвешка, Холандија и Аргентина, но тоа само уште повеќе ја крева мотивацијата на нашата млада селекција, за блесок на едно големо натпреварување.

Прв ривал вечерва во 20.30 часот ќе ни биде Норвешка, репрезентацијата која е фаворит не само за првото место во групата, туку и за еден од медалите на овој шампионат. Брзиот ракомет ги краси скандинавците, така што наша главна задача ќе биде да одиграме најдобро што можеме во одбраната, за да се поправи впечатокот од слабиот дел во овој аспект од играта на јануарскиот турнир во Хрватска.

„Ние сме подготвени за цело Светско првенство. Ова е еден меч со репрезентација за која не треба многу да се зборува. Норвешка во 2017 и 2019 играше финале на СП и незадоволни заминаа затоа што не освоија злато. Секако дека и овде ќе атакуваат на златото. Во спортот треба да веруваш и во невозможното. Денеска сме во таква позиција. Нема што да загубиме, туку може само да добиеме. Нема да се штедиме воопшто, ќе тргнеме да играме и да видиме до каде можеме. Сакам да нагласам дека оваа генерација и досега направи многу и само поради тоа на момците треба да им се даде поддршка. Поминавме големи репрезентации и ги минавме сите тие скептици кои не веруваа дека оваа генерација може да ја продолжи традицијата на настапи на големите натпреварувања. Што и да се случи денеска, ние треба да продолжиме по нашиот пат. Играме со 7 дебитанти на ова СП и треба да бидеме внимателни, но од друга страна имаме и голема самодоверба“, потенцира Лазаров.

Се вчитува...