Норвешка покажа моќ, Македонија ќе има поправен со Холандија и со Аргентина

Македонската ракометна репрезентација загуби со 27-39 на премиерниот меч против Норвешка, на отворањето на СП 2023 во Краков. „Црвено-жолтите“ беа немоќни против големиот фаворит во групата, парирајќи му само дваесетина минути, по што норвешката класа се покажа пресудна, противникот резултатски се одлепи уште пред крајот на полувремето, за до крајот рутински да го контролира мечот, до конечните дванаесет гола разлика.

Македонија се најде во негатива од 0-2 по двата гола на Сагосен, пред Филип Кузмановски на почетокот од шестата минута да го постигне првиот гол за Македонија на овој мундијал. Норвежаните лесно наоѓаа решение за нашата дефанзивна зона, поведувајќи со 5-3 по десет минути игра. Јагуриновски изнуди исклучување при 3-6, веднаш потоа постигна и гол, но норвешкиот состав знаеше како да ја задржи предноста од три гола, па Кире Лазаров на половина од првото полувреме го зеде својот прв тајмаут на натпреварот, при водство на противникот од 5-8. Веднаш по минутата одмор Пешевски изнуди два пенали што Манасков ги реализираше, Митревски одбрани еден зицер на Рајнкинд и предноста на противникот падна на само еден гол (7-8).

Митревски блесна повторно, па Филип Кузмановски со новиот погодок израмни на 9-9, во 19. минута од натпреварот. Следеше исклучување на Серафимов по кое Норвешка максимално казни со три гола во низа, два од нив во празна мрежа по грешките во нашиот напад. Манасков ја прекина серијата на противниците од четири гола, намалувајќи на 13-10. Митревски одбрани уште еден зицер, по што Манасков реализираше за 13-11. Проблемите се зголемија во 27. минута, кога Јагуриновски остана да лежи по еден одбранбен дуел и на на рацете на соиграчите мораше да биде изнесен од теренот. Противникот беше подобар во завршницата од полувремето, казнувајќи ги грешките и промашувањата на нашите ракометари и на одмор заминувајќи со убедливи 11-18.

Противникот подобро го почна и вториот дел, кревајќи ја предноста на убедливи девет гола разлика (14-23). О’Саливен стрелаше прецизно во 42. минута за прво двоцифрено водство на Норвежаните (15-25). Лазаров побара тајмаут во 45. минута при резултат 26-16, по што Македонија постигна три гола во низа. Македонските ракометари се приближија до шест гола негатива, но следеше нова серија на противниците, па кога разликата се врати на десет погодоци (25-35), следеше нов тајмаут на Лазаров, на пет минути до крајот. Овојпат советите не вродија со плод, па негативата се зголеми до конечните „минус дванаесет“.

Филип Талески со седум гола беше најефикасен во нашиот табор, Манасков постигна пет, а Кузмановски и Петров по четири погодоци.

Утре е ден за одмор за нашите ракометари, но и за корегирање на грешките во пресрет на вториот меч на СП 2023, против Холандија, што на програмата е в недела со почеток во 18 часот.

Се вчитува...