Навивачите се израдуваа на фактот дека Краков ќе биде домаќин на нашата група во првата мундијалска фаза, пред се поради убавите спомени на сите оние кои беа во оваа полска метропола на европскиот шампионат во 2016 година.
Атмосферата и годинава е на највисоко ниво, „фалангата“ на првиот меч беше за чиста десетка, но се чини дека е дојдено време и ракометарите и навивачите да се израдуваат на победа во Краков, нешто што се нема случено на претходните седум средби против „црвено-жолтите“ ги одиграа во „Таурон Арена“.
Премиерниот настап во ова грандиозната спортска сала го имавме против моќната Франција, на ЕП 2016, кога 50-ина минути добро париравме, но на крајот загубивме со 30-23. Во второто коло за ривал ја имавме домашната Полска, по првото полувреме дури имавме и водство од 13-11, но на крајот претрпевме пораз од 23-24.
Реми еднакво на победа – тоа е најдобриот опис за мечот од третото коло со Србија, на кој до голот на Манасков во последната секунда стигнавме до еден бод (27-27), со кој поради подобрата гол-разлика се пласиравме во главната рунда.
Таму, за жал, резултатите на селекцијата предводена од Ивица Обрван не беа на посакуваното ниво, најпрвин загубивме од Хрватска со 24-34, а потоа ремизиравме со Норвешка во меч во кој имавме шест гола предност во второто полувреме, а на крајот одигравме само 31-31. Шампионатот беше завршен со неуспех, откако во последното коло претрпевме минимален пораз и од Белорусија (29-30).
Серијата без победа во Краков продолжи и на премиерниот меч на СП 2023 против Норвешка, а по седумте неуспешни обиди, време е Македонија вечерва, конечно да се израдува на триумф во „Таурон Арена“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА