Ракометната репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз во групната фаза во Краков, откако нашиот национален тим загуби со убедливи 24-34 од селекцијата на Холандија. „Црвено-жолтите“ повторно беа под посакуваното ниво, а катастрофалното прво полувреме придонесе битката повторно да ја загубиме по само 30 минути игра. Двете слаби изданија не значат и елиминација, а последниот дуел со Аргентина ќе биде решавачки за пласманот во следната рунда во Катовице.
Македонија прва дојде во водство со голот што го постигна Мартин Серафимов. Нападот на почетокот ни функционираше одлично, а откако Манасков одлично погоди за 3-2, плус за нас беше и изнуденото исклучување од Лук Стајнс. И наместо тоа да биде искористено, Холандија, со играч помалку направи пресврт, најпрвин поведе со 3-4, а потоа со нови три гола и со убедливи 3-7, правејќи серија од 5-0 пред селекторот Кире Лазаров да побара тајмаут.
Во првиот напад по тајмаутот Кузмановски изнуди пенал и исклучување, а одлична шанса да се приближиме пропуштивме кога холандскиот голман го запре зицерот од контранапад на Манасков при 5-8. Ја вративме сигурноста во нападот, па преку Павле Атанасијевиќ, кој доби шанса на десен бек, успеавме да намалиме на 8-10, а по вториот гол на Атанасиевиќ за 9-11, холандскиот селектор Олсон го побара својот прв тајмаут на натпреварот. Неговите совети вродија со плод, па Холандија експресно зголеми на 9-13. Лазаров го уфрли Томовски на голот, но проблемите продолжија, па иако повторно добивме играч повеќе, Серафимов беше запрен од Равенсберген, а Холандија погоди на спротивната страна и поведе со убедливи 9-15. Холанѓаните умешно го задржаа, па дури и зголемија водството до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со 11-18.
Вториот дел го почнавме со гол на Жарко Пешевски, a во 35. минута по двата брзи погодоци на Серафимов и на Талески намаливме на 14-19. Подобрата игра на македонскиот тим помогна да се спушти негативата и на четири гола (16-20). Ѓоргиев влезе во ритам во нападот и помогна да намалиме на 18-22, а голема шанса пропуштивме кога Пешевски промаши зицер при овој резултат, во ситуација кога судиите слободно можеа да досудат и пенал, но останаа неми. Во следниот напад на противникот судиите досудија пенал и исклучување за Талески, по што за една минута примивме три гола и повторно паднавме во голема негатива (18-25). Следеше уште една почетничка грешка во нападот, по која Бавенс погоди во празна мрежа (трет гол во низа без голман), за предност на Холандија од 18-26. „Лалињата“ рутински го приведоа мечот до крај, казнувајќи ги нашите грешки во завршницата за конечни преубедливи 24-34, нов убедлив пораз на Македонија и прво полувреме за заборав.
Кузмановски и Пешевски беа најефикасни со по четири погодоци, а по три постигна Дејан Манасков и Ненад Костески, додека на спротивната страна најефикасен беше Смитс со десет постигнати гола.
Клучниот меч за пласман во следната рунда Македонија ќе го игра во вторник во 18 часот против селекцијата на Аргентина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА