Македонските ракометари попладнево го одработуваат последниот тренинг во пресрет на утрешниот дуел со Аргентина, решавачки меч за пласман во следната фаза.
Голманот Никола Митревски не губи надеж дека со добра игра може да се обезбеди пласман во втората групна рунда, но за тоа дефинитивно ќе биде неопходно да се одигра подобро во одбраната.
„Секогаш сум го велел тоа, и кога сме победувале и кога сме губеле, голманите бранат многу полесно кога има добра соработка со одбраната. Јасно е дека овој дел од нашата игра не функционира најдобро, јас искрено верувам дека ќе се крене и дека со заеднички напори ќе стигнеме до посакуваниот резултат“, вели Митревски.
Искусниот чувар на мрежата смета дека поразите не треба да се доживуваат трагично, но дефинитивно мора да постои подобра концентрација меѓу ракометарите за да не се дозволува убедлив резултат во корист на противникот.
„Ние ја имавме улогата на аутсајдери во групата и во пресрет на овој мундијал, базирано на рејтингот на сите репрезентации кои се дел од нашата група. Не е страшно да се загуби, но мора да научиме да немаме толкави падови на концентрација, да за пет-шест минути паѓаме во дупки од кои е невозможно да се вратите. Тоа мора да ни биде лекција и пред Аргентина, и двете селекции играат брз ракомет, но ќе мораме да ги лимитираме грешките. Кој помалку ќе греши, тој ќе се радува на крајот“, изјавува првиот голман на македонската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА