Партизан е пресилен: МЗТ замрзна на „минус“ 53 во Белград

МЗТ Скопје го претрпе и 13. пораз во АБА лигата откако во 15. коло очекувано загуби на гостувањето кај евролигашот Партизан со 120-67. Домаќините ја имаа апсолутната фаворитска улога, а истата ја потврдија со добра игра од почетокот до крајот на мечот па успеаја да постават и нов клупски рекорд.

Веќе во првата четвртина белградскиот состав успеа да го наметне своето темпо на двата дела од теренот. Нападот на Партизан функционираше одлично, а домаќините беа и на врвот на задачата во одбраната па со 29-15 стигнаа до висока позитива по 10. минути игра. МЗТ Скопје успеа да одговори со подобар напад до крајот на првото полувреме, но не и да го најде решението во одбраната па предноста на српскиот тим се искачи на 54-34.

Промени на паркетот не донесе ниту второто полувреме во кое Партизан продолжи со одличната напаѓачка партија. „Црно-белите“ стигаа до лесни поени, постигнаа 30 во третата четвртина и дополнително ја зголемија предноста на 84-51 по 30. минути игра. Последната четвртина беше само формалност во која домаќините ја надминаа границата од сто постигнати поени, a притоа успеаја да постават и нов рекорд по бројот на постигнати поени на еден меч во својата АБА историја.

Со 16 поени Дамјан Стојановски беше лидер на МЗТ Скопје, додека него го следеше Кефи со 14 поени и 6 асистенции. Смаилагиќ беше лидер на Партизан со 24 поени, додека него го следеше Аврамовиќ со 18.

Проблем за „сино-белите“ е повредата на Кеандре Кук кој откако се пожали на болка во рамото во првата четвртина не се врати на паркетот, додека во дебито не се пофали ниту Абдул Малик Абу кој за 20 минути постигна само 4 поени со реализација 1/10 од поле.

Се вчитува...