ПОЛУВРЕМЕ: Ништо ново – беда и очај и против Аргентина

Македонија е на прагот да го претрпи и третиот пораз на СП во Краков по новото катастрофално прво полувреме во кое губиме од Аргентина со 11-18. Нападот е катастрофален, одбраната повторно не е на ниво, а со ваква фијаско – игра Македонија не заслужува да биде дел од светската ракометна елита.

Лазаров изненади со одлуката на клупата од почетокот да го остави Филип Кузмановски, наместо него на среден бек почнувајќи со Игор Ѓоргиев.  Мечот го почнавме со добра игра во одбрана и прва успешна интервенција на Митревски, по што Талески на спротивната страна донесе водство од 1-0. Нападот неколку минути затаи, па Аргентина поведе за кратко со 1-2, пред Гоце Георгиевски да реализира од крило за 2-2.

Во серија грешки влезе Талески, што Аргентинците го искристија за да поведат со 4-7. Кире Лазаров повторно задоцни со тајмаутот, повикувајќи го дури откако се најдеовме во четири гола негатива (4-8), а за очајното издание нашите ракометари заслужено добија свирежи од македонските навивачи на трибините на „Таурон Арена“. По тајмаутот во игра влезе Кузмановски и веднаш имаше загубена топка, за на спротивната страна Симонет со извонреден удар од девет метри да ја зголеми предноста на Аргентина на 4-9.

Кузмановски со првиот гол на мечот намали на 5-9, но тоа беше само моментален блесок бидејќи агонијата се продлабочи, па Аргентина во 17. минута поведе и со 5-11. При „минус шест“ Лазаров се реши да го внесе Томовски на голот на местото на Митревски,  но ситуацијата на теренот не се промени, Аргентинците го зголемија водството и на одмор заминаа со убедливи 11-18, за заслужени свирежи од „фалангата“.

Се вчитува...