Селекторот Кире Лазаров јавно им се извини на навивачите за разочарувачките три натпревари во Краков, на кој поддршката од трибините не беше доволна за да се прикаже добра игра и да се стигне до позиривен резултат.
„Ова е нашата реалност, можеби очекував порази, но не со вака убедлива разлика. Ова само покажува каква е моментната ситуација, дека треба многу да се работи да се задржи овој бренд, овој проект што го градиме и што со години е редовен учесник на големите натпреварувања. Овој бренд поради кои повеќе од две илјади Македонци доаѓаат во јануари да ја бодрат репрезентацијата. Знаеме дека овојпат ги разочаравме и јас како селектор им се извинувам“, изјави Лазаров.
И додека дел од поискусните вината ја бараа кај повозрасните ракометари, на овој мундијал остана впечатокот дека токму оние кои требаше да бидат лидери не одговорија на предизвикот.
„Знаете како беше, на последните баражи тука бевме и јас и Миркуловски и Стоилов, па сите останати имаа своја улога во тимот што перфектно ја одработеа. Сега ситуацијата беше поинаква, требаше да ја преземат одговорноста врз себе, за жал самото тоа сознание носи и огромен притисок што тие не успеаја да го издржат. Колку и да уживаме во поддршката од трибините, таа со себе носи дополнителен притисок со кој нашите млади ракометари не успеаја да се изборат. Разочаран сум, но од друга страна и знам колку е тешко – знам дека на самите играчи им е најтешко, сум го минувал ова и јас самиот. Како што реков, ќе мораме да работиме напорно за да изградиме репрезентација, искрено верувам дека веќе на следниот европски шампионат ќе бидеме многу, многу подобри, поконкурентни против најдобрите европски репрезентации“, оптимист е за иднината македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА