Прволигашката кошарка во Македонија продолжува денеска со натпреварот на 12. коло во кој МЗТ Скопје ќе го пречека ТФТ во СЦ „Јане Сандански“ од 19 часот и 30 минути. Во него двата тима ќе целат на продолжување на победничката низа на домашната сцена, но и триумфален влез во АБА натпреварите кои следат.
Очекувањето на тренерите на двата тима, Драган Николиќ и Боро Смилковски е одличен натпревар со кој сепак ќе мораат да калкулираат со отсуствата на клучни играчи. МЗТ нема да може да смета на Деандре Кук, додека поради административни причини во составот на ТФТ нема да биде Трент Батрик.
„Немавме многу време да се подготвиме за натпреварот со ТФТ. Знам дека тоа е еден од дерби мечевите на првенството. Успеав да го испратам ТФТ пред да дојдам во Скопје на последниот АБА2 балон каде ми е многу мило што оставија добар впечаток, но свесен сум кој и што е МЗТ така да во следниот период ќе се обидеме тоа и да го докажеме. Ја земаме фаворитската улога на секој меч во домашното првенство, тоа е јасно, но знам дека ова натпреварување има одреден квалитет. ТФТ е еден од тие тимови и очекувам интересен меч. Играме во некој очекуван состав, но се уште не одлучивме кои ќе бидат четирите странци“, изјави предводникот на МЗТ Скопје.
„Прв натпревар во вториот дел од сезоната. На крајот на годината фативме некој ритам со тоа што го работевме месеците наназад и добивме некоја своја форма и идентитет. Меѓутоа паузата си го направи своето, сега почнуваме од ново и сме во фаза на некои мини подготовки во претсезона. Не сме во натпреварувачки ритам, последниот меч ни беше против Куманово па апсолутен фаворит е МЗТ Скопје. Си имаме ние и свои проблеми со повредени играчи и административни причини кои нема да бидат во можност за настапат против МЗТ. Меѓутоа, апсолутно ќе биде еден добар натпревар пред се за тоа што следи. Приоритет даваме во оваа фаза на четвртиот АБА турнир каде ќе ни даде појасна слика за дали може да се надеваме на место во плејофот. Екипата на МЗТ си има свои математики, доаѓаат после натпревар во Белград, имаат и натпревар против Будуќност, но во секој случај верувам дека ќе го оправдаме епитетот на натпревар на коло“, вели предводникот на ТФТ.
View this post on Instagram
Покрај овој меч во 12. коло ќе бидат одиграни и натпреварите помеѓу Пелистер и Гостивар, Еуро Никел и Струмица, Кожув и Академија ФМП, Чаир 2030 и Куманово, односно Феникс 2010 и Работнички.
View this post on Instagram
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

