Македонија со плус осум на полувреме против Алжир

Ракометната репрезентација на Македонија го игра најдоброто прво полувреме, но против најслабиот противник на Светското првенство во Полска и Шведска откако по 30 минути има водство од 19-11 против Алжир во меч од 1. коло од „Президент купот“.

Натпреварот почна со тврда игра на двете страни и за разлика од групната фаза бевме многу повнимателни во нападот и подолго време поминувавме во офанзива. Сепак, техничките грешки и големиот број промашени „зицери“ повторно беше наше обележје на стартот на мечот, па по седум минути игра резултатот изнесуваше 2-2.

Следуваше исклучување за Алжирците, па ние со одлична серија успеавме по десет минути игра за првпат да стигнеме до плус четири (6-2). Во овој период одличен на голот беше Никола Митревски кој забележа пет интервенции. Петнаесет минути ни беа потребни за првпат да стигнеме и до плус пет (9-4) по голот на Младеновиќ.

„Црвено-жолтите“ продолжија да го газат противникот, па во 24. минута стигнаа и до плус шест (14-8) по кои селекторот на Алжир беше принуден да го повика првиот тајм-аут. Залуден беше тајм-аутот на Алжирците, бидејќи нашите ракометари продолжија со одличната игра предводени од Никола Митревски со седум одбрани, со неговиот прв погодок во 28. минута веќе имавме и плус девет (18-9).

Жарко Пешевски со шест гола е прво име во нашиот табор, а одличен е Никола Митревски со осум одбрани. Кај Алжирците Дау има три гола.

Се вчитува...