Македонската кошаркарска репрезентација се соочува со огромен проблем откако Ти-Џеј Шортс по само два одиграни натпревари ќе стане недостапен за нашиот национален тим. Американскиот плејмејкер игра во неверојатна форма во дресот на Телеком Бон, што беше препорака за трансфер во Евролигата што ќе се реализира во следните 48 часа.
Басконија ќе биде новиот клуб на македонскиот кошаркарски репрезентативец, откако шпанскиот клуб се согласил да ја плати клаузулата во договорот што Шортс ја има со Телеком Бон. Тој ќе го заземе местото на Американецот Хенри, кој не ги оправда очекувањата по камбекот, па експресно ќе си замине од таборот на Басконија.
Ова е сериозен проблем за нашиот национален тим, ако се знае дека Шортс беше лидер на репрезентацијата на последните две квалификациски средби со Норвешка и со Данска. Веќе е добро познато дека евролигашките клубови не ги пуштаат своите кошаркари да настапуваат за репрезентациите во прозорците со термини на ФИБА, тренд што речиси сигурно ќе продолжи и во претстојниот февруарски квалификациски циклус.
Останува да се види дали можеби селекторот Јончевски за овие последни средби, гостувањата во Словачка и во Норвешка, на располагање ќе го има најдобриот македонски кошаркар, Ненад Димитријевиќ, кој ги пропушти последните две квалификациски средби бидејќи не доби дозвола од својот клуб Уникс Казањ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА