Под раководство на шефот на стручниот штаб Ивица Радоњиќ подготовките за новата сезона ги започнаа и фудбалерките на ЖФК Љуботен од Тетово, актуелен шампион на Македонија и есенски првак во Првата лига. На првиот работен состанок, раководството на клубот Драгољуб Јовановски, Перо Јовановски и Ивица Богдановски ги запознаа фудбалерките за текот на подготовките, се со една заедничка цел да се одбрани шампионската титула и клубот одново да се појави на на европската сцена во квалификациите за групната фаза во Лигата на шампионите како и минатата сезона.
Од играчкиот состав кој ја освои есенската титула ќе недостасува само Србинката Сања Ратковиќ која кариерата ќе ја продолжи во Полска. Но во клубот останаа Бразилките Пресцила Силва, Меиса Делгадо и Тесури Гоја како и Србинката Анѓела Миловановиќ. Но затоа ЖФК Љуботен веќе го најави првиот трансфер за пролетната сезона во името на Бојана Петкова, младинска репрезентативка на Македонија, досегашна членка на клубот ЖФК Истатов. До крајот на преодниот рок актуелниот шампион ќе биде засилен со уште една до две репрезентативки на Македонија како и едно од странство, најверојатно од Канада, преговорите се во тек, се со една цел, да се освои нова титула шампиони на Македонија.
До почетокот на пролетното првенство ЖФК Љуботен ќе одигра 4 до 5 контролни средби. На 1 февруари ќе гостува во Ниш каде ќе одигра пријателски меч со првакот на Србија Машинац, на 8 февруари ќе биде домаќин на екипата КФФ Митровица од Косово, додека на 11 февруари македонскиот шампион ќе ја „тестира“ формата против репрезентацијата на Македонија. /М.М/
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА