На последната седница на советот на општина Пробиштип беше донесена одлука да му се додели златна плакета за трајни вредности во спортот на Сандре Маневски, сигурно најдобриот фудбалер во спортската историја на градот, кој своите први чекори ги направи токму во Рудар од Пробиштип. Својата блескава фудбалска кариера Сандре Маневски, популарниот Мацола ја продолжи во дресот на Вардар за кој настапуваше од 1977 до 1984 година. За Вардар Маневски има одиграно 227 натпревари, од кои 144 првенствени во тогашаната Прва лига на Југославија на кои има постигнато 81 гол.
Играше за Вардар во времето кога скопските „црвено-црни“ го имаа еден од најсилните состави: Симеуновиќ, Јовановски, Влатко Димитровски, Кочо Димитровски, Груевски, Банковиќ, Глигоровски, Мицевски, Маневски, Пепи Георгиевски, Рингов.
Во 1984 година, кога замина во грчкиот прволигаш Јанина, Маневски, својот дрес со бројот 9 му го отстапи на легендарниот Дарко Панчев. Во Јанина остана до 1988 година. Како играше во новиот дрес најдобро говори и овој податок што е објавен во алманахот на овој познат грчки клуб. Сандре Маневски е прогласен за најдобар странски фудбалер кој има настапувано за Јанина.
Златна плакета на Сандре Маневски, фудбалската легенда на Македонија, од страна на градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов ,ќе му биде предадена на пригодната свеченост што ќе се одржи на 27 јануари./М.М/
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

