Новак си го брани таткото: Семејството Ѓоковиќ никогаш не било, ниту пак ќе биде за војна

Новак Ѓоковиќ во голем стил се пласираше во финалето на Австралија Опен, а по големиот триумф српскиот ас се осврна и на критиките што ги доби неговиот татко Срѓан по четвртфиналниот меч на Србинот, поради фотографирање со лице кое важи за голем приврзаник на рускиот претседател Владимир Путин.

Во австралиската јавност се крена огромна прашина поради фотографијата, неколку новинари дури и побараа дисквалификација на Новак од турнирот, но Ѓоковиќ ја објасни целата ситуација, целосно застанувајќи во одбрана на својот татко.

„Тоа е крајно несреќна ситуација што беше тотално погрешно проценета и осудена од страна на јавноста. Ескалираше една приказна, во која всушност нема никакво лошо однесување. Мојот татко по секој меч оди да се фотографира со српските фанови во Мелбурн, тој не ги познава сите тие луѓе, кои бараат да се сликаат со него, а тој без збор застанува со сите. Сите луѓе во светот треба да знаат, ние како семејство сме минале низ војни и знаеме што носи тоа, затоа ви гарантирам дека семејството Ѓоковиќ никогаш не поддржувало ниту пак ќе поддржува во иднина воена акција“, изјави Ѓоковиќ.

Се вчитува...