МЗТ Скопје забрзано тоне во дупка без дно, пад што човекот кој е задолжен да го води македонскиот кошаркарски бренд не само што не го запира, туку со своите потези и грешки во чекори само дополнително го забрзува. Опстанокот во АБА1 се повеќе се сведува на теорија, но МЗТ веќе не делува така моќно ниту во домашното првенство, откако загуби со „минус деветнаесет“ во Гостивар, најубедлив пораз на „металците“ на мак-баскет сцената во последната деценија.
Ако заминувањето на Александар Петровиќ беше неизбежно поради слабите резултати на тимот, тогаш дефинитивно се очекуваше со потезите кои ќе се повлечат работата да тргне на подобро. Наместо тоа, сведоци сме на спротивното. За тренер беше доведен Драган Николиќ, стратег со добро CV за Македонија од Карпош Соколи. Сепак, Србинот не успеа да го разбуди заспаниот тим. Николиќ отсекогаш важел за далеку подобар мотиватор отколку тактичар, па кога тој ќе се пожали дека „не можел да ги натера кошаркарите да веруваат дека можат да победат некого“, тоа е знак дека не само што постои проблем, туку истиот е од огромни размери.
Промените во играчкиот кадар беа уште покатастрофални за директорот и стручниот штаб. Гордост на МЗТ Скопје во последните години беше бројот на репрезентативци и давањето шанса на македонски стратези. Ѓоревски за една година го погази сето тоа, па во последните месеци пушти да си заминат двајца македонски стандардни репрезентативци, на нивно место носејќи Американци. Резултатот е добро познат за сите – не може да се состави колектив од играчи кои бркаат индивидуална статистика наместо тимски успех. Ако промените и потезите што ги повлече управата дадоа резултат, победите ќе беа доказ за правилноста. Вака – тие се доказ за неспособноста.
Доаѓа и месец февруари, кога вообичаено општините ги гласаат буџетите, со тоа и средствата што се даваат во спортот. Општина Аеродром и Градоначалникот Муцунски минатата година издвоија околу 400.000 евра како средства наменети за МЗТ Скопје. Сега доаѓа нов буџет, но тие дефинитивно треба да се запрашаат, дали овие средства (вообичаено станува збор за истата сума) да му ги дадат на располагање на Ѓоревски. Затоа што да не заборавиме – станува збор за човек што е докажано неспособен за водење на кошаркарски клуб. На ланските општински пари (плус ваучерот, кој беше најголем во мак-баскетот), уште во октомври и ноември му снемаа средства во буџетот (да не заборавиме дека јуни и јули се празни месеци, во кои не се плаќаат играчите), а Ајви си замина поради неисплатен бонус за титула од ланската сезона. За неговите (не)способности, сериозен сведок се и кошаркарите на Академија ФМП од времето кога тој го водеше клубот, колку плати им се должеа.
И сега доаѓа време за нов буџет и сериозни пари во време на криза, а тие што го донесоа на местото, треба добро да размислат, како да му ги дадат на човек што апсолутно не знае да раководи со нив.
Кој е следен, директоре? Затоа што за неуспесите на клубот секогаш се наоѓа некој друг, себе никако да се погледне…. Во последниот коментар на оваа тема напишав: Ако веќе се случи неизбежната смена на чело на стручниот штаб, Ѓоревски да имаше доблест и самиот ќе се повлечеше, заради својата улога во овој потоп. Но, тоа за жал на МЗТ Скопје не е случај. И токму поради тоа – клубот тоне во дупка без дно.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА