Ретки се миговите кога македонската фудбалска репрезентација може да си дозволи да „украде“ некој фудбалер на Шведска. Последниот обид со Дејан Кулушевски не успеа, па сегашниот играч на Тотенхем се одлучи да го носи шведскиот дрес, и покрај тоа што дел од младинските категории ги мина во македонскиот.
Меѓутоа во 2014 година на Македонија и успеа да го „украде“ од Шведска фудбалерот Филип Пивковски. Пивковски, кој што во својата кариера почнувајќи од Малме, стигна до англиски Блекбурн, ги мина сите младински категории во дресот на викинзите, и кога требаше да заигра за У-21, се одлучи да ја прифати поканата да игра за Македонија, земјата каде се родени неговите родители.
Откако одигра преку 30 натпревари во шведските младински селекции, Пивковски, кој денеска полни 29 години, се реши да игра за младинската репрезентација на Македонија. Па така тогашниот селектор на младинската селекција Благоја Милевски му ја даде шансата и го викна во квалификациите за Европско првенство во Полска 2017 година, а потоа и на самото историско ЕП.
Сепак, после тоа Европско првенство почна да „тоне“ клупската кариера на Пивковски, па така преку Новара, се врати во Шведска во Ландскрона, а се чини во февруари во 2019 година веќе почна да се оддалечува од професионалниот фудбал кога почна да игра по шведските трети лиги. Најпрво во Енгелхолм, а потоа во Лундс. Од декември 2021 година па наваму не е член на ниту еден клуб и веројатно тоа му е последна фудбалска активност.
За Пивковски малку може да се најде на интернет и на социјалните мрежи. Според дел од поранешните соиграчи тој веќе ги стави копачките на „клин“ и се занимава со нешто друго, надвор од фудбалот. ЕКИПА контактираше и шведски колеги кои не успеаја да дознаат каде е и што се случува со фудбалерот.
Пивковски нема да остане незабележан во македонскиот младински национален тим, а во 11 меча постигна само еден гол и тоа оној против Украина на гостински терен. На шампионатот во Полска настапи само четири минути на мечот Србија кога влезе во 86. минута.
Тој е прв, и засега единствен од таа „златна генерација“ од ЕП во Полска кој става крај на кариерата, додека сите останати се уште се активни.
Имаше и интервју на страницата на ФФМ, во кое кажа дека има големи планови во кариерата, и дека одлуката да го смени шведскиот дрес со македонскиот не била лесна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА