Илија Несторовски ќе ја доврши и оваа натпреварувачка сезона во дресот на Удинезе, откако македонскиот репрезентативец и покрај интересот на неколку клубови сепак не го реализираше најавеното заминување од „Фриули“.
Нестор-гол беше многу блиску до преселба во Сампдорија, но трансферот пропадна буквално во „пет до дванаесет“. Како што јавуваат италијанските медиуми, двата клуба имале постигнато целосен договор, но трансферот пропаднал откако македонскиот голгетер заработил незгодна повреда. Според првичните прогнози, станува збор за повреда на мускулот по која се предвидува пауза од најмалку еден месец.
Тренерот на Сампдорија, Дејан Станковиќ, инсистирал дека му е потребен нов голгетер кој веднаш би му бил на располагање во борбата за опстанок на калчолигашот од Џенова. Откако било утврдено дека паузата на Македонецот воопшто нема да биде кратка, преговорите биле прекинати и трансферот пропаднал.
Вистинска штета, ако се знае дека Несторовски и оваа сезона најголем дел од времето го минува на клупата за резерви на Удинезе, а во Сампдорија без сомнеж ќе добиеше многу повеќе шанси да ги покаже своите квалитети.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА