Раул Гонзалез и во иднина ќе продолжи да седи на клупата на ПСЖ откако поранешниот селектор на Македонија се договори за продолжување на соработката со францускиот ракометен гигант. Актуелниот договор истекуваше на крајот од сезонава, по што се шпекулираше дека Гонзалес е на излезна врата дс клубот, но двете страни постигнаа целосен договор и денеска потпишаа продолжување на соработката до јуни 2025 година.
Популарниот „Ел Команданте“ седи на клупата на ПСЖ уште од 2018 година, откако пристигна во Париз по одличните резултати како тренер на Вардар, тим со кој Шпанецот стигна и до европската круна во 2017 година. ПСЖ инвестираше во звучни играчки имиња за да ја нападне титулата во Лигата на Шампионите, два пати успеа и да стигне до фајналфот турнирот во Келн, но не и да се искачи на самиот врв на европскиот клупски ракомет.
Како пресудни за добивање на новиот договор се покажаа извонредните игри во француското првенство минатата сезона, кога ПСЖ под водство на Раул стигна до 30 победи на 30-те одиграни средби на домашната сцена, воедно освојувајќи го и Купот на Франција.
„Раул е еден од најдобрите тренери во светот, признаен поради извонредниот професионализам и големото искуство. Под негово водство, ПСЖ како клуб оствари значителен прогрес и веруваме дека со Раул како тренер ПСЖ ќе продолжи да блеска во најдобро светло“, изјави претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА