Руи Коста разочаран: На Бенфика не и требаат играчи како Енцо Фернандез

Бенфика го продаде Енцо Фернандез на Челси за рекордна сума од 120 милиони евра, најскап трансфер во историјата на Премиер-лигата, но претседателот Мануел Руи Коста не го крие разочарувањето што најдобриот млад фудбалер од СП 2022 среде сезона си замина од редовите на португалскиот гигант.

Ставот на Бенфика секогаш беше дециден – Фернандез треба да остане до крајот на сезоната, но инсистирањето на фудбалерот надополнето со огромната понуда од Челси беа комбинацијата под која Руи Коста попушти во последните минути од преодниот рок и даде зелено светло за трансфер.

„Енцо Фернандез во Челси, тоа беше трансфер што не сакавме да се случи овој јануари. Се беше договорено, како претседател совеста ми е чиста, но како навивач сум тажен. Тој цело време покажуваше желба да си замине, верувавме дека ќе го задржиме, Челси почна да продава приказни дека ќе ја плати клаузулата, не го стори тоа, а потоа се врати со богата понуда на два дена пред крајот на преодниот рок. Му обезбедивме гаранции дека нема да загуби ниту евро, дека треба да остане сега, а ние за возврат во текот на летото ќе му ја спуштиме цената за да може полесно да си замине. Тој инсистираше на трансфер и тогаш како претседател морав да реагирам – јасно му ставив до знаење дека тој веќе не може да игра за Бенфика. Не може да го бакнуваш амблемот и да глумиш лојалност, а да се однесуваш сосема спротивно. Колку и да ме боли, луѓето треба да знаат дека на Бенфика не и требаат играчи како Енцо Фернандез, кои личните благодети ги ставаат пред клупските успеси“, изјави Руи Коста.

Се вчитува...