Комесарот за натпреварување при КФСМ, Александар Милојевиќ, имаше полни раце работа по последното коло од Првата лига и неколкуте тензични натпревари.
Најлошо мина Работнички, кој покрај домашниот пораз од Пелистер доби и сериозна санкција поради неспортското навивање и навреди упатени кон првиот човек на КФСМ, Перо Антиќ.
„Во салата била присутна помала група навивачи на КК Работнички кои во неколку наврати неспортски навивале со пцости, лични навреди и дискредитација упатени кон претседателот на КФСМ Перо Антиќ, Судиска комискија при КФСМ и судиите на натпреварот,за што биле оппоменати преку разглас и преку капитенот на домашната екипа и им било предочено од судиите дека ако продолжат салата ке биде испразнета.(4,49 мин 4-та четвртина и 1,45 4-та четвртина).
Редарската служба во недоволен број и дел од нив се однесувале несоодветно за задачата која требале да ја завршат, а тоа е целосна безбедност на службените лица до нивно напуштање на салата и дозволиле присуство на неслужбени лица во коридорот каде судиите се упатиле кон соблекувалната. Во салата имало присуство на полиција“, се вели во делегатскиот извештај.
Врз основа на овој извештај, Милојевиќ ги казни „центарци“ со играње на еден натпревар пред празни трибини и парична казна од 30.000 денари (16.000 за влегување на неслужбени лица на терен, 10.000 денари за неспортско навивање и 4.000 денари за слаба редарска служба.
Тензично беше и во Гостивар, каде домашната екипа славеше убедливо над шампионот МЗТ Скопје со 88-69. „Металците“ преубедливо загубија, но на крајот вината ја бараа кај судиите, упатија и официјална жалба потпишана од капитенот, но дали од незнаење или нешто друго, не ја уплатија неопходната такса до федерацијата за таа жалба да биде официјално разгледана.
„Екипата на КК МЗТ Скопје А. со потпис на капитенот во записникот најавила жалба на натпреварот на образец НАТ-2 и истата е предадена на делегатот во предвидениот рок. Неспортско и вулгарно навивање од страна на домашната публика кон гостинската екипа. Лицето кое било задолжено за ракување на разгласот на пауза помеѓу 3 и 4 ч“, се вели во делегатскиот извештај од Гостивар.
Жалбата на КК МЗТ Скопје А. не е земена на разгледување бидејќи не е постапено по член 48.1.3 од Пропозиции за натпреварување не е уплатена пропишана такса во утврден рок, објаснето е во Билтенот за натпреварување потпишан од Комесарот Милојевиќ, во кој е наведено и дека гостиварци се казнети со 12.000 денари, од кои 8.000 за неспортско навивање, а 4.000 денари за употреба на разглас за поттикнување на гледачи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА