Арсенал загуби значајни бодови во трката за шампионската титула откако тимот на Микел Артета попладнево загуби на гостувањето против Евертон со минимални 1-0. „Топчиите“ не можеа да влезат во својот препознатлив ритам, не се адаптираа на поагерсивниот пристап на домашните фудбалери, кои мотивирани под водство на новиот менаџер Шон Дајш успеаја да го земат скалпот на големиот фаворит.
Уште во првото полувреме стана јасно дека Арсенал ќе има сериозни проблеми на овој натпревар, откако „карамелите“ лесно создаваа полушанси што не успеваа да ги користат, додека „топчиите“ се мачеа за опасна ситуација во противничкиот шеснаесетник. Најубавата шанса ја пропушти Нектиа, кој од убава позиција од десетина метри откосо шутираше крајно непрецизно.
„Топчиите“ останаа шокирани откако по еден корнер на домаќините најдобро се снајде дефанзивецот Тарковски, успевајќ да го совлада Рамсдејл за водство на Евертон од 1-0.
Арсенал се обиде да се врати, но Евертон одлично ги имаше покриено приодите кон сопствениот гол, па лидерот на табелата го претрпе вториот пораз во 20. овосезонски премиерлигашки натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

