Зидан доаѓа на клупата на ПСЖ, прва задача му е – да се ослободи од Нејмар

Зинедин Зидан е подготвен да му се врати на фудбалот, и тоа како тренер на францускиот првак ПСЖ. „Светците“ и лани го молеа Зизу да дојде на „Паркот на принцовите“, тој ги одби сите нивни понуди бидејќи чекаше да го наследи Дидие Дешамп на клупата на француската репрезентација, но откако овој потпиша нов договор со „триколорите“ сега и Зидан го смени ставот, па е расположен за преселба на клупата на ПСЖ.

„Светците“ играат добро под водство на Галтие, но претседателот Ал Келаифи сепак не е најзадоволен од начинот на кој тренерот ги менаџира големиот број на ѕвезди во тимот. Токму поради ова француските медиуми најавуваат дека се веќе почнати преговорите со Зидан, кој не сака да доаѓа среде сезона, но би потпишал договор уште сега што би станал валиден од 1 јули 2023 година. Самото доаѓање на овој тренер би ги зголемило и шансите за Мбапе наскоро потоа да потпише нов долгогодишен договор со ПСЖ, бидејќи Французинот минатото лето потпиша само на две години.

Прва задача за трофејниот стратег ќе биде да најде начин да се ослободи од Нејмар. Бразилецот беше поврзуван со заминување и минатото лето, но ниту еден посериозен клуб не испрати понуда за Нејмар, пред се поради неговиот непрофесионален пристап на тренинзите и на дел од натпреварите. Зидан ќе мора да биде поуспешен на ова поле бидејќи нарушените односи меѓу Нејмар и Мбапе се главен проблем на ПСЖ сезонава, нешто што носи и до поделба во соблекувалната.

Францускиот првак веќе го има избрано и наследникот на Нејмар, Усман Дембеле од Барселона, кој е достапен за отштета од 50 милиони евра следното лето (има таква клаузула во договорот со каталонскиот гигант). Сепак, за тој трансфер да се реализира, најпрвин ќе треба да се најде начин Нејмар да си замине од „Паркот на принцовите“.

Се вчитува...