По паузата поради Светското првенство, ракометарите на македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер им се враќаат на обврските во второто по ранг европско натпреварување Лигата на Европа.
Битолчани утре ќе му гостуваат на данскиот Архус во натпревар од 7. коло. Тренерот, Ларс Валтер вели дека одат по победа на гостувањето во Данска.
„Последните два дена работиме со добар ритам и момците кои беа надвор од тимот почнуваат да го фаќаат тој ритам. Видливо беше дека ни недостига такво темпо на претходните два натпревари. Против Нексе беше нешто подобро, но мора уште малку да се подобриме. Овој викенд работевме одлично и тоа веќе изгледа солидно. Патуваме во Данска со подигната глава, сакаме да одиграме добро и да донесеме бодови од таму.
Квалитетот на данската лига е неверојатен. Викендов Архус загуби од вториот најслаб тим во лигата и тоа покажува дека секој тим може да освои бодови против секого во данскотоо првенство. Сепак, Архус Скандеборг игра добра сезона досега, се наоѓа на шестото место, но тимот има падови и подеми. Наша цел е да ги фатиме во пад во вторник. Брзи се, треба да го сопреме нивниот контра напад. Околу 30% од головите ги постигнуваат од контра напади и не треба да ги правиме истите грешки како на последните два натпревари. На тренинг напорно работиме да ги сведеме на минимум техничките грешки. Тоа ќе го направите само ако го следите тактичкиот план и баш тоа се обидуваме да го сториме“, вели Валтер.
Натпреварот меѓу Архус и Еурофарм Пелистер кој на програмата е утре е закажан за 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА