По паузата поради Светското првенство, ракометарите на македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер им се враќаат на обврските во второто по ранг европско натпреварување Лигата на Европа.
Битолчани утре ќе му гостуваат на данскиот Архус во натпревар од 7. коло. Крилото Мирко Радовиќ пред мечот вели дека Архус е одличен тим кој годинава му нанесе пораз и на Алборг.
„Добро се подготвуваме, гледавме видео-материјал за Архус, како и првиот натпревар во Битола. Се обидуваме да сигнализираме каде погрешивме. Се работи за најпријатно изненадување во првиот дел на сезоната, како во Европа, така и во домашното првенство, каде му зедоа „скалп“ на Алборг. Се работи за одлична екипа која игра брз ракомет, екипно се феноменални, имаат одлична контра и полуконтра. Утрешниот ден ќе го искористиме за детали и одиме во Данска да дадеме сè од себе и да тргнеме добро годинава во Европа.
Тешко беше неделава, бидејќи ние неколкумина од Светско првенство директно дојдовме во Нови Сад, брзо потоа следеше и Нексе и тие натпревари добро ни дојдоа да се воиграме. Штета што не победивме барем еден натпревар од СЕХА лигата. Ќе пробаме тие два натпревари добро да ги искористиме и сега се вртиме на Европа и предизвикот кој ни следи“, изјави Радовиќ.
Натпреварот меѓу Архус и Еурофарм Пелистер кој на програмата е утре е закажан за 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА