МОК издвои помош и донации за Турција и Сирија и нивните спортисти по катастрофалниот земјотрес

Македонскиот олимписки комитет издвои поддршка и донација до турскиот и сирискиот народ, Турскиот и Сирискиот олимписки комитет и турските и сириските спортисти, по катастрофалниот земјотрес кој ги зафати овие две земји.

Претседателот и генералниот секретар на МОК, Даниел Димевски и Сашо Поповски упатија и писмо до Турскиот и Сирискиот олимписки комитет во кое меѓу другото се вели дека „со голема тага е примена веста за трагичната катастрофа предизвикана од разорниот земјотрес што доведе до смрт на илјадници невини луѓе во југоисточната област на Турција и Сирија“.

„Нашето длабоко сочувство оди до турскиот и сирискиот народ и турските и сириските семејства кои ги загубија своите најблиски или бараат роднини и нашите мисли се со сите засегнати луѓе. Олимпискиот комитет на Северна Македонија веднаш ги мобилизира своите ресурси и веднаш ќе помогне и ќе испрати помош во ова страшно време за сите нас. Дополнително, целата наша (спортска) инфраструктура ќе биде бесплатно на располагање на турските и сириските спортисти и НФ-и, односно на Турскиот и Сирискиот Национален Олимписки Комитет. Бевме, сме и ќе бидеме секогаш со вас, многу блиски со народот на Турција и Сирија, со Турскиот и Сирускиот Национален Олимписки Комитет, турските и сириските спортисти и турскиот и сирискиот спорт! Секогаш можете да сметате на нашата посветена помош и поддршка, во секоја ситуација“ – се вели во писмото од претседателот на МОК, Даниел Димевски.

Сите поединци и правни ентитети од нашата држава кои ќе изразат желба да се придружат кон оваа акција односно донација на МОК се повеќе од добредојдени да бидат дел од оваа помош за сите оние кои се погодени од оваа силна природна катастрофа.

Се вчитува...