Еурофарм Пелистер не успеа да го изненади Архус, четврти пораз во Лигата на Европа

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го доживеаја и четвртиот пораз во седмиот свој натпревар во ЕХФ Лигата на Европа сезонава, овој пат на гостувањето од дански Архус со 24-22.

Македонскиот тим одигра квалитетно прво полувреме максимално парирајќи на фароризираните Данци. Еурофарм Пелистер имаше и предност во првиот дел, но на полувремето домаќините стигнаа до 11-11.

Но, се што се играше во првото полувреме падна во вода во вториот дел кога Архус со максимална одбрана успеа да го спречи нападот на македонските ракометари. Па во низа се зголемуваше предноста на данскиот состав, која во еден момент беше и шест гола 24-18, за на крај сепак да се заврши со подносливи 24-22.

Најефикасен во победничкиот тим беше Мортен Кристенсен со седум гола, додека кај Еурофарм Пелистер со по четири гола завршија Жарко Пешевски и Мирко Радовиќ, репрезентативецот Петар Атанасијевиќ постигна три гола а Гоце Ојлески и Марио Танкоски запишаа по два гола. Голманот Урбан Лесјак имаше 12 одбрани од 31 противнички шут.

За Архус ова е петта победа, наспроти и два порази, зацврстувајќи се на втората позиција на табелата зад германски Фуксе Берлин, а Еурофарм Пелистер остана на две победи, едно реми и сега со четири порази во Лигата на Европа.

Се вчитува...