Првиот човек на Наполи, Аурелио де Лаурентис, експресно стави крај на шпекулациите дека италијанскиот гигант се подготвува за продажба на Виктор Осимен на крајот од сезонава.
Нигерискиот репрезентативец игра во одлична форма и со 16 постигнати погодоци е најзаслужен што „наполитанците“ чекорат забрзано кон шампионската титула во Серија А. Со добрите игри тој го привлече вниманието на европските гиганти, Манчестер Јунајтед веќе подготви понуда од 120 милиони евра, но претседателот на Наполи јасно стави до знаење дека очекува Осамен да остане меѓу „сино-белите“.
„Нормално е клубови да се интересираат за Виктор Осимен, па и за други наши фудбалери, кога играме во толку добра форма. Сепак, ќе ги разочарам бидејќи нема шанси да дојдат до засилувања од Наполи. Осимен, но и другите играчи за кои се интересираат, никој не е на продажба. Тоа е вистината, ние како клуб немаме никакви долгови, на Наполи не му требаат пари, туку врвни фудбалери кои веќе ги имаме во своите редови“, порача Де Лаурентис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА