Планината која тој прв успеа да ја победи, немилосрдно му врати за тој подвиг, му ги зеде двете личности кои најмногу ги сакаше, сопругата и ќерката
====================================================
Пишува: Миодраг Мицковиќ
Тоа беше навистина голема трагедија на човекот кој прв по 11 безуспешни обиди на десетте експедиции успеа да се искачи на највисокиот врв на светот, да стигне на Престолот на боговите, како што луѓето во Непал го викаат Монт Еверест, или на нивниот јазик Чомолунгма. Да стигне на покривот на светот,висок 8.884 метри, заедно со шерпасот Норгеј Тесинг на 29 мај 1953 година во 11.30 часот. Тоа беше новозеланѓанецот Едмунд Хилари, член на британската експедиција под раководство на Џон Хант. Успеа да ги победи Хималаите, да биде прв човек на светот кој престојуваше на толку голема височина, каде што не летаат ниту птиците, да стигне на високиот врв над кој ретко летаат дури и авионите.
Вистински љубител на Хималаите, кој речиси цел живот го помина во непалските села, помагајќи им на локалните жители, под негово раководство беа изградени и две болници. По освојувањето на Монт Еверест, Едмунд Хилари беше бодач и на шест експедиции на Хималаите, има освоено 20 најопасни врвови на кои до тогаш не стапнала човечка нога. Овој неверојатен човек, беше трет во историјата на светот кој стигнал и до Јужниот пол, тешка и опасна авантура. На Јужниот пол пристигнал 1958 година. Пред него тоа им успеало единстено на Роал Амундсен 1911 и на Роберт Скот 1912 година. Хилари на пат по снежните беспаќа на Антарктикот, каде што на секој чекор демнее опасноста од длабоките, замрзнати бездни, тргна на 27 септември 1957 година, а на Јужниот пол по многу маки и тешкотии пристигна на 3 јануари 1958 година. Цели три месеци траеше ова макотрпно патешествие, по вечниот мраз и ниските температури, кои достигнуваа и до минус 60 степени.
Трагичен авионски лет
Сето тоа со своите експедиции го издржа Едмунд Хилари. Меѓутоа неговата љубов кон хималајските врвови, по тие неверојатни авантури беше поматено со една голема трагедија што се случи во неговото семејство, 22 години по освојувањето на Монт Еверест. И што е уште потрагично на 11 мај 1975 година, во прегратките на Хималаите, во авионска несреќа загинаа неговата сопруга Лујза и ќерката Белинда. Тоа прекрасно мајско утро, кога во далечина се гледаше Монт Еверест, сопругата Лујза и ќерката Белинда, со уште тројца патници, тргнаа со едно мало авионче од Катманду кон мало гратче, го нарекуваа Паалфу, повеќе наликуваше на село сместено во подножјето на Хималаите каде што ги чекаше Хилари. Ги чекаше, но за жал не ги дочека.
Никој не очекуваше дека може да дојде до трагедија, со авионот управуваше искусен пилот, негов сонародник од Нов Зеланд Питер Санд, кој до тогаш стотина пати летал од Катманду до импровизираниот аеродром во Палфу. Но иако времето беше убаво, поради некои проблеми со моторот, авионот се урна некаде под Монт Еверест на височина од 4.000 метри. Тоа беше вистински шок за Едмунд Хилари, кој пресреќен што заврши изградбата на болницата во Палфу, чиј беше донатор и тоа требаше да го прослави со сопругата и ќерката. Наместо славје,шок и тага. Кога му јавиле што се случило под Монт Еверест, не можеше да поверува, во тој момент како животот да завршил и за него.

Немилосрдна одмазда
Планината која тој прв во светот успеа да ја победи, да ја освои немилосрдно му врати за тој подвиг, му ги зеде двете личности кои тој најмногу ги сакаше, Лујза и Белинда. Беше тоа, како што знаеше да каже и како што говореа неговите шерпаси, кои целиот живот другаруваа со него, црна одмазда на Монт Еверест . Хималаите ретко простуваат, во својата прегратка зеде стотина жртви, меѓу кои беше и нашиот најдобар македонски алпинист Димче Илиевски-Мурато, кој успеа да се искачи на Монт Еверест 1999 година, но само по триесетина минути, откако стапна на покривот на светот, на враќањето исчезна во снежните бездни, никогаш повеќе да не се врати во својата родна Битола, заедно со сопругата и децата да го послават големиот успех.
Иако долго траеше истрагата за авионската несреќа во која загина семејството на Хилари, никогаш не се дознаа причините за паѓањето на авионот, кој удри во ледените ѕидини на планината десетина минути по полетувањето. Единствено беше објавено дека пилотот побарал да се врати и принудно да слета во Катманду, но не успеал, а црната кутија никогаш не била пронајдена во тие длабоки бездни во кои царува снегот и мразот.
Во потрага по Јети
По оваа трагедија, две години по враќањето од Јужниот пол, Хилари, со една група зоолози и лекари со месеци го пребаруваа секое катче на Хималаите во потрага по снежниот човек Јети, кој според верувањата на непалците постои. Некои дури тврдеа дека го имаат видено. Сите напори да се пронајде Јети завршија по четиримесечен престој по невиден студ и вијулици во прегратките на највисоките хималајски врвови.
Тешката трагедија со Лујза и Белинда како да му го скрши немирниот дух на Едмунд Хилари кој долго време остана да живее во селото Палфу во подножјето на Монт Еверест тагувајќи за својата судбина, помагајќи им на локалните жители, заедно со своите шерпаси, кои беа меѓу најпознатите во Непал.
По стапките на Хилари, кој последните денови до смрта живееше во градот Оукленд на Нов Зеланд каде што беше роден на 10 јули 1019 година, тргна и неговиот син од првиот брак Питер кој точно по 37 години, откако неговиот татко го има освоено Монт Еверест , успеа и самиот да се искачи на покривот на светот 1990 година.
„Питер ме одмазди, стапнувајќи на Монт Еверест, планина на боговите, на која можат да се искачат само најхрабрите и најупорните“, беа зборовите на Едмунд Хилати кога дозна за подвигот на својот син.
Хилари до својата смрт на 11 јануари 2008 година има напишано многу книги за освојувањето на Монт Еверест, за патувањето на Јужниот пол, за потрагата по Јети кои станаа светски бетселери.
Десет пати на врвот на светот
Непалскиот шерпас Анг Рита е рекордер по освојувањето на Монт Еверест. Точно десет пати се има искачено на Покривот на светот и тоа без маска за кислород. Прв пат 1983, последен 1996 година . За италијанскиот алпинист Рејнолд Меснер се врзани две занимливости. Тој во 1978 година го освои Монт Еверест без маска за кислород, а две години подоцна на 20 август беше сам на највисокиот врв на светот без придружба. Интересно е да се напише дека највисокиот базен логор на Хималаите бил поставен на височина од 8.800 метри што го поставил Анг Рита по неговото шесто искачување на Монт Еверест заедно со неговите сонародници Анг Ками и Пасинг Норба. Биле принудени по враќањето од врвот поради лошите временски услови во кој останале повеќе од пет часа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

