Украина се закани дека ќе ги бојкотира Олимписките игри во Париз во 2024 година доколку им се дозволи на спортистите од Русија и Белорусија да учествуваат, а балтичките земји навестија дека може и тие да го бојкотираат најголемиот спортски настан во светот.
Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) минатата недела објави дека на спортистите од овие две земји, кои поради војната не можат да се натпреваруваат во европските квалификации, може да им се дозволи да обезбедат пласман во азиските квалификации.
Доколку се квалификуваат, тие ќе се натпреваруваат во Париз како неутрални спортисти, без знамиња и химни, како дел од санкциите на ИОК против нив. По тој повод, украинскиот светски шампион во тешка категорија, Александар Усик, преку Инстаграм му се обрати на претседателот на ИОК, Томас Бах.
„Јас сум украински спортист. Го освоив олимпиското злато во бокс во 2012 година. Моментално сум светски шампион во тешка категорија и се викам Александар Усик. Сакате да им дозволите на руските спортисти да се натпреваруваат на Олимпијадата? Руските вооружени сили ја нападнаа нашата земја и убиваат цивили. Руската армија убива украински спортисти и тренери и уништува спортски терени и сали. Медалите што ќе ги освојат руските спортисти се медали на крв, смрт и солзи“, изјави Усик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА