Српска доминација во Евролигата: Гостински победи на Партизан и на Црвена Звезда

Партизан ја продолжи серијата импресивни настапи во Евролигата со уште една гостинска победа, овојпат во Минхен над тимот на Баерн со убедливи 71-82. Слично како и минатата седмица против Жалгирис, тоа беше меч во кој избраниците на Жељко Обрадовиќ одиграа перфектно, го контролираа резултатот од почеток до крај и не дозволија домаќините да се вратат.

Капитенот Кевин Пантер беше најефикасен со 19 постигнати поени, Лесор реализираше 16 поени и 7 скокови, додека Нанали придонесе со 15 поени во овој триуф на „црно-белите“, многу значаен во борбата за пласман во Топ 8 фазата од Евролигата.

Црвена Звезда ја прекина серијата слаби евролигашки натпревари со голема победа во Тел Авив над Макаби од 86-89. „Црвено-белите“ водеа во текот на целиот меч, во третиот период имаа и плус 16, но Макаби предводен од извонредниот Болдвин успеа да се врати. Сепак, во самиот финиш пресуди мирната рака на Вилдоза, кој погоди четири слободни фрлања во завршните десет секунди и му ја донесе победата на шампионот на АБА-лигата. Недовиќ со 28 поени беше прв стрелец на „црвено-белите“, 14 постигна Митровиќ, додека на спротивната страна Болдвин го одигра најдобриот меч во кариерата во Евролигата, реализирајќи 38 поени, пет скока и пет асистенции.

Барселона го одигра најдобриот овосезонски натпревар, триумфирајќи на гостувањето против Виртус Болоња со убедливи 75-92. Каталонците одиграа неверојатни три четвртини, во последните десет минути влегоа со доминантно водство од 39-74, кое Болоња успеа да го ублажи со подобра игра во завршницата. Миротиќ ги предводеше стрелците на Барса со 17 поени, по 13 постигнаа Абринес и Јокубиаитис.

Се вчитува...