Пауло Дибала е голема желба на Манчестер Јунајтед за претстојниот летен преоден рок, откако беше обелоденето дека аргентинскиот напаѓач има клаузула во договорот со Рома што му овозможува да си замине од „Олимпико“ за само 12 милиони евра.
Дибала долго време тактизираше со изборот на нов клуб како слободен играч минатото лето. Рома на крајот успеа да го убеди да дојде во Рим, но „волчицата“ не ги плати парите што Дибала ги бараше од стартот на преговорите, за возврат давајќи му можност да си замине од клубот по само една сезона, доколку не е задоволен од резултатите на новата екипа.
Клаузулата од 12 милиони евра е исклучително ниска за играч со квалитетите на Дибала, па јасно е дека во текот на летото бројни клубови ќе се обидуваат да го доведат во своите редови. Токму поради тоа Манчестер Јунајтед сака уште сега да ја победи конкуренцијата, договарајќи ги личните услови со Аргентинецот. Парите нема да бидат никаков проблем за „црвените ѓаволи“ кога цената за отштета е толку ниска, па останува да се види дали Тен Хаг ќе успее да го убеди Дибала да му се приклучи на „Олд Трафорд“, како уште едно делче од мозаикот за составување на тим што би атакувал на титулата во наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

