Кошаркарските прволигаши продолжуваат да ги засилуваат своите редови пред завршниот турнир од Купот на Македонија, по што ќе следи и разврската во Првата лига како загревање за возбудувањата што ќе го носи плејофот.
Гостивар успеа да доведе уште еден домашен кошаркар, откако во своите редови го ангажираше Виктор Исајловски. Крилниот играч пристигнува од редовите на Феникс, каде беше најавен како значајно засилување, но не се снајде најдобро во овој скопски прволигаш. За потсетување, Исајловски до пред неколку години важеше за еден од најдобрите млади играчи во Македонија, но тешката повреда на коленото дефинитивно остави трага врз неговиот развој. Гостивар и тренерот Малинков се решени да му дадат шанса да се врати во ритам, па останува да се види како ќе се снајде Исајловски во овој клуб, кој атакува на висок пласман сезонава.
Борјан Стојановски го напушти ТФТ и вториот дел од сезонава ќе го мине во дресот на Кожув. Новиот тренер Јончевски бараше домашни засилувања за гевгеличани, а од скромната понуда моментно на пазарот успеа да го комплетира трансферот на Стојановски, поранешниот играч на Феникс кој не се наметна за посериозна минутажа во ТФТ, па доби зелено светло да си замине од актуелниот освојувач на Купот на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

