„Бомба“ од Бразил: Карло Анчелоти, нов селектор на „кариоките“

Карло Анчелоти се согласил да стане селектор на Бразил, но преселбата ќе се реализира на почетокот од летото, по завршувањето на оваа натпреварувачка сезона што трофејниот стратег ќе ја финишира како кормилар на Реал Мадрид. Неколку бразилски медиуми денеска обелоденија дека екс-тренерот на Милан, ПСЖ, Челси… ги прифатил понудените услови и ќе стане предводник на моќниот проект на бразилскиот национален тим со единствена цел – освојување на светската круна на СП 2026.

Анчелоти има договор со Реал Мадрид на уште една година, но веќе постигнал договор со Флорентино Перез да добие зелено светло за заминување од „Сантијаго Бернабеу“. Првиот човек на Реал има бескрајна почит за сработеното од страна на Анчелоти, поради што излегол во пресрет на неговото барање за предвремено заминување од клупата. Воедно, Реал циклусот на подмладување и ремонт на средниот ред би го реализирал под водство на нов тренер, при што во преден план повторно излегува клупската легенда Раул Гозналес.

Според бразилските медиуми, тројцата Бразилци од Реал, Винисиус, Милитао и Родриго, веќе биле информирани за договорот на Анчелоти за нов селектор. Иако разочарани што го губат како лидер во клубот, тројцата не го криеле задоволството што сега и во репрезентацијата ќе можат да соработуваат со врвен стратег каков што е „Дон Карло“.

Се вчитува...