Куманово стави крај на серијата од четири победи едно по друго на Феникс 2010 славејќи со 73-68 во „Перо Наков“. За двата бода пресуди подобриот шут за три поени на домашниот тим, но и четиринаесетте изгубени топки на гостите кои избраниците на Ѓорѓеивски ги кориеа за лесни поени.
Двата тима не успеваа да го најдат ритамот во нападот на отварањето на натпреварот, а во скромната поентерска прва четвртина гостите од Скопје беа тие кои поведоа со 14-16 благодарение на поените на Митревски и Трајковски. Куманово сепак успеа да ја превземе иницијативата во втората четвртина во која ги искористи изгубени топки на „виолетово-жолтите“ за лесни поени, а беше и расположен во реализацијата за три за 38-35 по 20. минути игра.
Неизвесниот натпревар продолжи и во второто полувреме во кое Куманово беше порасположен во реализацијата па во еден момент поведе и со 54-49, но Феникс одговори преку Трајковски и Димчевски за натпревар на еден посед (57-56). Скопскиот тим имаше шанси и за превземање на водството, но лошите одлуки во нападот скапо ги чинеа гостите. Казната стигна преку обидите за три поени на Димитриевски, Нацевски и Џеферсон со кои на минута и пол до крајот „сино-белите“ поведоа со 69-63 и ги решија дилемите за победник.
Со 21 поен лидер на Куманово беше Џеферсон, додека 12 поени и 9 скока додаде Смит. Со 19 поени, 10 скока и 7 асистенции лидер на Феникс 2010 беше Трајковски, 17 поени додаде Митревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

