Почнува Куп-маратонот: ТФТ го брани трофејот, убавината на купот е што не победуваат секогаш фаворитите

Се е подготвено за почетокот на турнирот од Купот на Македонија што од денеска па се до сабота ќе се игра во СРЦ Кале во Скопје. ТФТ ја има улогата на бранител на трофејот откако тимот од скопско Тафталиџе лани со извонредни три натпревари во низа успеа да се закити со првиот пехар во своето кратко постоење, на најдобар можен начин потсетувајќи дека во куп-натпреварувањето на крајот не победуваат секогаш фаворитите.

Три меча во три дена, темпото ќе биде пеколно, па јасно е дека тренерите покрај бркањето на победа ќе мора да внимаваат и да сочуваат дел од силите на своите кошаркари, кои ги очекуваат исклучително напорни натпревари од денеска па се до сабота.

МЗТ Скопје како актуелен првак на Македонија, но и моментален лидер во Првата лига, важи за главен фаворит на турнирот. „Металците“ лани во финалето загубија од ТФТ, но се надеваат дека годинава ќе го вратат пехарот во своите витрини. Своја шанса ќе чекаат и останатите ривали, Пелистер две години по ред влегуваше како прв носител на Купот на Македонија и испаѓаше уште во четвртфиналето, но тренерот Илиевски и неговите избраници се надеваат на далеку подобро издание годинава.

Денешната програма почнува со дуелот меѓу МЗТ Скопје и Кожув на кој „металците“ ја имаат улогата на големи фаворити. Потоа ќе следи и дуелот меѓу Гостивар и Феникс, Пелистер во 17 часот ќе се сретне со Еуро Никел, а дербито на денот се очекува да биде оној последен меч на програмата, кога во 19.30 часот Работнички ќе го предизвика бранителот на трофејот ТФТ.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ:

МЗТ Скопје – Кожув                  12.00 часот

Гостивар – Феникс                     14.30 часот

Пелистер – Еуро Никел            17.00  часот

Работнички – ТФТ                      19.30 часот

Се вчитува...