МЗТ Скопје е првиот финалист во Купот на Македонија во машка конкуренција откако „металците“ го елиминираа бранителот на трофејот ТФТ со преубедливи 102-61. Оваа импресивна победа беше одлична одмазда за поразот во ланското финале во СРЦ „Кале“, за разлика од тој меч тимот на МЗТ овојпат не дозволи никакво изненадување, одржувајќи му лекција и истакнувајќи ја својата кандидатура за нов куп-трофеј во витрините.
ТФТ парираше само три минути, а МЗТ презеде контрола над резултатот откако Војдан Стојановски погоди тројка за водство од 6-5. Шутот од далечина функционираше за актуелниот шампион на Македонија, но уште подобра беше одбраната, која изнуди бројни грешки на противникот на сопствената страна. Аеродромци беа во налет, ТФТ само за момент намали на 18-15 со тројката на Страхил Николов, за на спротивната страна да следи нова серија поени на МЗТ Скопје, за со реализацијата на Миќовиќ во последните секунди од првиот период „металците“ да стигнат и до своето прво двоцифрено водство на мечот (28-18).
Николиќ го изротира тимот, но ритамот на игра на МЗТ Скопје беше задржан, како во нападот, така и во одбраната. Војдан Стојановски погоди уште две тројки и предноста скокна на огромни плус деветнаесет (39-20), а не помогна ниту тајмаутот што го побара Смилковски. „Сино-белите“ продолжија да доминираат на теренот, со тројката на Дамјан Стојановски дојдоа и до 20 поени разлика, за преку Миќовиќ да го завршат полувремето со најубедливи „плус 22“ (53-31).
Аеродромската фурија продолжи да растура се пред себе и на почетокот од третиот период, што Дамјан Стојановски го отвори со две тројки, а МЗТ продолжи да доминира, па во 26. минута и да поведе со најубедливи 72-38. По третата тројка што ја постигна Робев за 75-41 Смилковски побара нов тајмаут, но ситуацијата на теренот не се промени, доминацијата на аеродромци продолжи и третата четвртина заврши со резултат 81-47. Војдан Стојановски со својата четврта тројка донесе и неверојатни „плус 40“ за МЗТ Скопје, за водство од 87-47. Николиќ во финишот им даде шанса и на дел од помладите кошаркари, кои ја искористија можноста, го исконтролираа резултатот до самиот крај, за конечни преубедливи „плус 41“.
Дамјан Стојановски беше најефикасен со 18 постигнати поени, 16 реализираше Робев, а Војдан Стојановски го заврши мечот со 13 поени зад своето име. Кај ТФТ двоцифрени беа Бишоп со 15 и Батрик со 10 поени, а мал куриозитет е што Александар Костоски не успеа да се запише меѓу стрелците за 24 минути игра во ова полуфинале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА